Текстот кој следува е преземен од интервјуто со д-р Дитер Брајтекер, директор на Германското федерално здружение за промоција на држењето и движењето.
Сè повеќе луѓе поминуваат долго време седејќи. Работата на компјутер и состаноците, сега се основа на секојдневната канцелариска работа, а зголемената дигитална природа на модерните работни средини само ќе го унапреди овој тренд. Но, овие однесувања се против нашата вродена физиологија. Во ова интервју со Дитер Брајтекер, откриваме зошто неговиот совет – „седете колку што е потребно, движете се колку што е можно повеќе“– е толку критичен за нашата севкупна благосостојба, нашето физичко и ментално здравје, и зошто работодавачите и вработените мора да преземат одговорност за да ги направат неопходните промени во канцелариската култура.
Седењето во последниве години беше осудено како ризик по здравјето, дури беше опишано и како „новото пушење“. Какво е моменталното размислување?
Јасно е дека подемот на знаењето и информатичкото општество, компјутеризацијата и дигитализацијата заедно, постепено ги трансформираа нашите животни средини и начинот на кој ги користиме нашите тела. Се помалку се движиме, а се повеќе седиме. Според Германскиот сојузен завод за статистика, речиси половина од околу 41 милион вработени луѓе во Германија, поголемиот дел од својата работа ја извршуваат седејќи пред компјутер. Луѓето седат и до десет часа секој ден. Ова однесување оди рака под рака со недоволното согорување на калории, поради недостаток на физичка активност. Сето ова во комбинација со нашите подеднакво жестоко дискутирани модерни навики во исхраната, има сложени последици по здравјето на луѓето. Изјавите како „седењето е новото пушење“ ги рефлектираат конзистентните резултати од најновите мета-анализи кај општата популација. Тие идентификуваат корелација помеѓу „седечкото однесување“ и ризикот од кардиоваскуларни болести, метаболички нарушувања (дијабетес II, дебелина, висок крвен притисок), неврокогнитивни болести (вклучувајќи деменција), рак и општа смртност.
Затоа е логично да се промовира повеќе спорт и вежбање. Сепак, извештајот на германскиот давател на здравствено осигурување ДКВ (2018) утврди дека Германија е земја на „мрзеливи и неактивни луѓе“. Две третини од населението не ги исполнуваат минималните 2,5 часа умерена активност во текот на неделата, како што е препорачано од СЗО. Исто така, заблуда е да се мисли дека можеме да надоместиме за повеќечасовното седење на маса со малку спорт и фитнес во слободното време. Вежбањето во слободното време едноставно не може доволно да ги компензира часовите поминати во седење во канцеларија, без прекин. Само четири часа на стол без станување се доволни за да ни се наруши целиот метаболизам.
Можеби медиумите успешно ја подигнаа свеста за ова прашање и не принудија да ја препознаеме потребата да се движиме и вежбаме повеќе во секојдневниот живот, но кои се навистина клучните прашања овде и што можеме да направиме како поединци?
Треба само да го погледнеме начинот на кој сме еволуирале. Ако сакаме да најдеме решенија, треба да се осврнеме кон минатото – кон човечката историја. Човештвото никогаш не би преживеало само со седење мирно. Најновите интервентни студии покажуваат дека и двете, и драстичното намалување и редовниот прекин на нашето „седечко однесување“ (т.е. паузи на секои 20 до 30 минути) доведува до позитивни метаболички исходи во однос на разложувањето на шеќерите и мастите, чувствителност на инсулин и многу повеќе. Експертите бараат преиспитување и од работодавачите и од вработените. Најмалку два часа пред екранот дневно, идеално четири, треба да се трошат стоејќи и движејќи се низ работниот простор наместо во седечка положба. Дури и лесната и умерена физичка активност може да стимулира позитивни биохемиски процеси корисни за нашето физичко и ментално здравје – под услов тие да бидат редовни и интегрирани во нашиот секојдневен работен живот. Но, ова бара промена во канцелариската култура – со нови начини на работа. Движењето и вежбањето повеќе не треба да се појавуваат како противтежа, исклучиво надвор од границите на работата – туку движењето, вежбањето и работата треба беспрекорно да се спојат во едно. Светот на работата ќе треба да се прилагоди на поконзистентно приспособување на движењето на работното место како форма на спонтано, природно вежбање што им е неопходно на нашите тела. Ова е местото каде што навистина лежи најголемиот неискористен потенцијал во поглед на зголемувањето на квалитетот на нашиот живот – овозможувајќи ни навистина да го дадеме најдоброто од нас, на работа.
Затоа има само едно решение: стануваме и се тргнуваме од нашите столчиња! Овој бесплатен рецепт за подобро здравје и продуктивност, се сведува на редовни промени во држењето на телото и проактивно управување на индивидуално ниво, за да се развие поактивен начин на работа и начин на живот. Сè што е потребно е организациско планирање. На пример, треба да стоиме кога зборуваме на телефон или да шетаме малку наоколу. Ова особено ни помага да размислуваме јасно. Состаноците и другите разговори не треба да се одржуваат седечки, туку околу стоечки маси, додека пократките состаноци може да се одржуваат додека се шетате (шетајте и разговарате), по можност на отворено. Секој чекор е мини-тренинг. Дневните рутини треба да се испланираат за да вклучат многу мали остварливи патувања, тоа може да се постигне ако на пример, со преместат печатачите, фотокопирите и корпите за отпадна хартија на помалку централни локации. Луѓето треба да избегнуваат да испраќаат е-пошта до колегите и наместо тоа да одат и да разговараат со нив лично. Прошетката за време на ручекот ги освежува умот и телото и овозможува продуктивно попладне.
Дали тоа значи дека не би било навистина важно на што седите, ако станувате и се движите многу?
Би сакал да го истражам ова прашање со конкретен пример. Ако сте ентузијаст за пешачење и одите на петчасовна прошетка, навистина нема да ви биде важно дали вашата кратка пауза од 15 минути ја поминете седејќи на подот или на тврда дрвена клупа. Но, ако е обратно, и ако поминете пет часа седејќи на таа клупа и пешачите само 15 минути, ќе развиете сериозни проблеми. Основната идеја е дека колку помалку време децата, адолесцентите и возрасните поминуваат седејќи и колку повеќе време поминуваат во движење и вежбање, толку подобро е нивното здравје и целокупната благосостојба. Но, и покрај сите најдобри намери, како што се флексибилните работни маси кои можат да се подигнат во стоечка положба, современите работни услови сè уште бараат луѓето да поминуваат многу време – често повеќе од седум часа на ден – седејќи на маса.. Ако е така, тогаш луѓето треба да седат на столчиња што ги задоволуваат нивните индивидуални барања, а не на столчиња што го следат обликот на телото или пак некакви ортопедски или биомеханички догми што се актуелни во тоа време. Мебелот за седење треба да го поддржува сложениот спектар на однесување на вработениот – во умот, телото и духот – и мора да може да се прилагоди на различните функционални потреби.
Барате канцелариски ротирачки столчиња кои овозможуваат „активно“ седење. Која е разликата помеѓу ова и „динамичното“ седење, термин кој веќе често се користи во рекламирањето во индустријата?
Постојат одредени слогани кои постојат без воопшто да бидат доведени во прашање. „Динамичното“ седење е еден од овие термини. Не сите движења или вежби се еднакви. Ако погледнеме подобро, можеме да видиме дека единственото вистинско движење што го нудат повеќето од овие столчиња е движењето на колковите. Но, тоа не одговара на потребите на човечкото тело како активен физички, интелектуален и емоционален систем. Како што еднаш рекол Леонардо да Винчи, „Животот е движење“. Ова е во нашите гени и тоа е рамката на која се заснова нашата сложена физиологија. Седењето мирно не е биолошка состојба. Преземајќи го ова гледиште до крајност, може да се спореди со смрт.
Затоа, активното седење оди подалеку од препораките за динамично седење, па често може да се пронајде рекламирано во контекст на синхрони механизми или планирани редовни промени на положбата на седење на корисникот. Активното седење навистина не може да се препорача или научи. Активното седење е нешто што треба да се развива спонтано во својата природна сложеност како одговор на физичките, менталните, па дури и психолошките потреби. Клучната точка за ова е просторот за седење што овозможува повеќедимензионално движење, оддалечување од синхроните механизми, со прогресивно амортизирање, често опишано како тридимензионално (3D) седење. Ова резултира со сложена интеракција на карлицата, нозете, ‘рбетот, рамената и главата како функционална единица. Исто како кога стоите, седењето на овој вид на стол вклучува сложени и спонтани микро и макро движења (промени на положбата), прилагодувајќи ја вашата позиција на вашите потреби. Само што обично не сме свесни за овие потреби. Човечката желба за постигнување на физичка и ментална благосостојба е обликувана од начинот на кој сме се развиле со текот на времето. До пред неколку илјади години, луѓето наизменично ги менувале положбите, клекнувале, лежеле, стоеле и оделе или трчале во просек повеќе од 15 километри на ден. Ретко седеле долго време. И нашите физиолошки барања за спроведување на овие однесувања, за одржување на нашата физичка, ментална и емоционална благосостојба останаа непроменети до денес. Гете еднаш забележа дека удобното седење го попречува продуктивното размислување.
Дали ова значи дека активното седење е нешто што се случува автоматски, без наше знаење, како кога користиме стол со правилна функционалност?
Човечкиот организам е сложен систем во кој нестабилните сили се одржуваат во рамнотежа со метаболичките реакции. Ова му дава на организмот широк опсег на начини на автономно, несвесно и брзо прилагодување на флуктуирачките услови и барања. Така, човечкото тело е способно да реагира на непријатност како што треба и по сопствена волја. Ова значи дека поседуваме способност автономно да го компензираме, прилагодуваме, контролираме и регулираме нашето однесување за да избегнеме дисфункција. Оваа способност ја должиме на нашата еволуција и на развојно „постарите“ делови од мозокот кои ги регулираат нашите примарни, критични телесни процеси. Овие процеси го заобиколуваат неокортексот, развојно „помлада“ област на мозокот каде што се случуваат повисоки мисловни процеси како што е структурираното решавање на проблеми. Ова е единствениот начин на кој можеме брзо и соодветно да реагираме на сигналите на стресот на нашите тела пред свесно да сфатиме што всушност се случува. Оваа способност се манифестира на многу неправилен начин, бидејќи овој добро прилагоден комплексен систем станува активен кога ќе добие сигнал дека има физичка, ментална или емоционална потреба. Ефектот е најочигледен кај лицата кои стојат без да бидат потпрени некаде. Тие неправилно и несвесно ќе ја префрлаат својата тежина помеѓу двете нозе и ќе ја префрлат на нивната оска и сето тоа целосно автоматски. И емотивно ангажиран и ментално фокусиран говорник ретко ќе може да ја импресионира својата публика без да биде анимиран на некој начин. Нашите ментални, физички и емоционални животи секогаш вклучуваат движење и не треба да бидат ограничени на статична положба.
Дали тоа значи дека не постои правилен или идеален начин да седите?
Врз основа на познатите парадигми за здрави луѓе, не постои „правилен“ или „идеален“ начин на седење. Исто како што не постои „правилен“ или „идеален“ начин за стоење или дишење. Во исклучителни случаи, како што е постоперативната нега, може да има одредени ограничувања во движењето. Но, здравиот организам има доволно вродена физиолошка интелигенција што, со оглед на соодветните услови, е способен да ги извршува сите природни функции на високо автоматски начин за да ги задоволи своите потреби. Еден пример за ова е кардиоваскуларниот и респираторниот систем, кој може сложено да се прилагоди на различни барања. Стол со тродимензионално седиште кое се движи слободно, неврзано со било кој синхрон механизам, поддржува „идеален“ начин на седење на речиси ист начин. И овде може да се развие флексибилна седечка поза и слободно да се адаптира без никаква свесна контрола, исто како кога стоиме без да се потпираме. Оваа автономна сензорна и невромускулна контрола на држењето за возврат предизвикува сложени биохемиски, а со тоа и психолошки и ментални механизми. Во последниве години, современите техники на сликање им овозможија на научниците да потврдат колку се испреплетени и интерактивни физичките, психолошките и менталните процеси. „Движете го телото и вашиот дух ќе го следи движењето.“ Физичкото движење ги стимулира метаболичките процеси во мозокот и телото, зголемувајќи ја физичката и менталната виталност. Науката е јасна за ова. Движењето и вежбањето се добри за многу повеќе отколку само за физичкото здравје. Тие се исто така важни за зајакнување на учењето и продуктивноста, помагаат депресијата да се држи подалеку и генерално помагаат да се отклучи човечкиот потенцијал.
Што можат да направат работодавачите и кога вработените ја делат одговорноста со нив?
Секој вработен во една компанија е важен ресурс. Зголемувањето на физичкиот и менталниот капацитет на вработениот и дозволувањето на неговиот потенцијал да се развива – дури и за време на работното време – треба да биде клучен столб на секоја корпоративна филозофија. Ова е причината зошто дискусиите за концептите на работниот простор засновани на биолошките, психолошките, социјалните и човечките потреби на вработените се корисни во секоја компанија. Експертите секогаш се осврнуваат на интеракцијата помеѓу луѓето и просторот. Винстон Черчил еднаш рекол: „Ние ја обликуваме архитектурата, а потоа таа нè обликува нас.“ Работната средина на една личност, како архитектура, е просторот во кој тие живеат најмалку осум часа на ден. Во идеални услови, тоа е простор на удобност, простор кој го промовира нивното лично здравје, простор кој ја олеснува социјалната размена, а со тоа и психолошкиот развој и продуктивната работа. Повикуваме да се прават дизајни на простории кои поддржуваат и активно промовираат движење (дневна светлина, акустика и слично, да се стават настрана за момент). Конкретно, ова значи дека за да се задоволи потребата на поединецот да живее во склад со сопствениот ритам – природната алтернација помеѓу напнатоста и релаксацијата, напорот и закрепнувањето – и на тој начин да ја промовираат сопствената благосостојба – работните средини мора да понудат и флексибилни „зони“. “, секоја од нив со свои скриени „искушенија“, кои ги задоволуваат биолошките, психолошките и социјалните потреби, заедно со барањата поврзани со работата. На пример, отворени или затворени простории дизајнирани не само за тимска и групна работа, туку и за индивидуална работа. Исто така, треба да има простор за осамено повлекување и релаксација, како и дискретна и отворена размена на информации. А просторите посветени на физичка активност или опуштена игра секако не треба да бидат табу. Овие дефинирани простории им даваат на вработените дополнително уверување дека нивните потреби, како што е кратка дремка за релаксација, се општествено прифатени.
Во исто време, ова исто така бара компетентноста да се пренесе на вработените (во смисла на самокомпетентност и обука). Тие мора да преземат одговорност за себе. Тие треба да учествуваат во донесувањето на одлуки, и да вложуваат во идејата за постигнување на позитивна промена во животниот стил, вклучително и во слободното време. Потребна е промена на ставот и на раководно ниво и меѓу вработените. Секој вработен апсолутно мора да стане носител на соодлучување (дизајнер или само-експерт) за да развие индивидуални однесувања и однесувања засновани на потребите што ќе му служат добро на долг рок. Тие мора да бидат вклучени во процесот на населување на здрав работен простор и обликување на навиките од нивниот секојдневен живот (како интервенција). Ова ги спречува луѓето слепо да следат глупави идеи или строго линеарни процедури. Обезбедува високо ниво на „согласност“, или подобро: „овластување“. Вработените треба да станат соодлучувачи – а тоа бара капацитет за да преземат акција и одговорност за нивното здравје и благосостојба